22.04.2026 Скопје
„САД чекаат обединет предлог од иранските лидери. Примирјето со Иран нема цврст рок“, изјави портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит.
Таа посочи дека има многу „внатрешни поделби“ меѓу лидерите на Иран во борба „меѓу прагматичарите и тврдокорните“. Воедно, истакна дека економските напади на САД врз Иран продолжуваат за време на прекинот на огнот, вклучително и американската поморска блокада што го запрела извозот на иранска нафта.
„Извештаите за рок од три до пет дена за продолжениот прекин на огнот не се точни. Трамп нема поставено рок, тој е задоволен од поморската блокада и разбира дека Иран е во многу слаба позиција“, истака портпаролката на Белата куќа.
Пред новинарите, таа изјави дека картите сега се во рацете на американскиот претседател Трамп.
Во однос на прашањето за дали Белата куќа знае кој во Иран ќе даде конечно одобрување за договор, таа истакна дека Белата куќа и американската разузнавачка заедница секако имаат добро разбирање. Но, таа нагласи: „Сакаме да видиме обединет одговор“.
Имало многу различни пораки што доаѓаат од иранските лидери, вели таа, опишувајќи ги како „јавни бесмислици“.
На прашањето колку долго Американците треба да очекуваат да трае војната, Левит вели дека Трамп на крајот ќе ја диктира временската рамка, „и тоа ќе го направи кога ќе смета дека е во најдобар интерес на САД и американскиот народ“.
Подготвено од А.Ѓ.