crna gora

30.04.2026 Скопје

Во првите три месеци од оваа година е забележан вкупен пад на бројот на ноќевања на туристи во колективното сместување во споредба со истиот период минатата година.

Податоците на Монстат укажуваат на изразен негативен тренд кај странските туристи.

Колективните сместувачки објекти вклучуваат хотели, пансиони, мотели, туристички населби, одморалишта, хостели, кампови и сл. Колективното сместување не вклучува индивидуално, т.н. „приватно сместување“ (сместување во куќи и соби за изнајмување, како и во туристички апартмани).

Најголем пад е забележан во февруари и март. Во февруари бројот на ноќевања на странски туристи е помал за 9,8 отсто, додека во март падот изнесувал 9,1 отсто, што претставува речиси 9.000 ноќевања помалку од минатата година.

Иако вкупниот пад на ноќевања е умерен, податоците покажуваат дека главната причина е послабото доаѓање на странски гости, додека домашните туристи делумно го ублажуваат вкупниот минус.

Јануари помина речиси без промени, но веќе од февруари доаѓа до видлив пад, кој продолжува и во март, и тоа во месец кој инаку бележи најголем обем на туристички промет во првиот квартал.

Заклучно, трендот од почетокот на 2026 година укажува на осетно слабеење на меѓународната туристичка побарувачка, што може да има значително влијание врз вкупните резултати од туристичката сезона доколку продолжи и во наредните месеци.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author