29.04.2026 Скопје
Собранието попладнево го донесе Законот за изменување на Законот за Владата на Република Македонија, по скратена постапка, со кој по одржувањето на следните парламентарни избори ќе се укине техничката (преодната) влада. Т.н. пржинска влада беше воведена како ад хок решение за изборите во 2016 година и како механизам што ќе гарантира фер и демократски избори, со вклучување дополнителни министри предложени од опозицијата во 100-те дена пред одржување на изборите.
Од 81 присутен пратеник на 98. седница, 70 гласаа „за“, 11 беа против и немаше воздржани. Според пратениците од владејачкото мнозинство, техничката влада е надминато решение, а опозициските сметаат дека ќе нема услови за демократски избори ако таа се укине.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) деновиве гласно се спротивстави на едностраното укинување на т.н. „пржинска“ влада, договорена меѓу сите партии во 2016 година како механизам за спречување изборни злоупотреби од страна на власта.
Мицевски рече дека во првата пржинска влада во 2016 немало деформитети, но тие се појавиле, рече, во следните технички влади „кога имаше надгласување на министри што носеа одлуки во нивните ресори“. Најголем деформитет, како што рече, е кога СДСМ разрешил министер предложен од ВМРО-ДПМНЕ.
-Тие моменти некој ги памти. Тогаш техничката влада почна да ги покажува своите анималии. Сите вие во неформални разговори кажувавте дека треба ден порано техничката влада да се укине затоа што е непродуктивна, изјави Мицевски, додавакјќи дека и во 2021 и во 2023 година, кога биле опозиција, барале укинување на техничката влада односно дека се конзистентни во ставовите.
И пратениците на нивниот коалициски партнер Вреди во текот на седницата се изјаснија за укинување на техничката влада. Аднан Азизи ја нарече „остаток од лошо минато“.
Јованка Тренчевска од СДСМ во излагањето кажа дека техничката влада била предложена само за изборите во 2016 година, а во 2018 година, рече, на барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, тогаш во опозиција, преку консултации било договорено да се направи предлог-закон со кој техничката (преодната) влада ќе важи сè до влегување на Република Македонија во Европската Унија.
Според неа, власта предлага укинување на техничката влада по скратена постапка, „арогантно и без консултација со опозицијата, само со два информативни состанока“.
Нејзе ѝ реплицираше министерот за јавна администрација Горан Минчев од владејачката ЗНАМ, според кого, крајна цел на СДСМ е да не учествува на следните парламентарни избори.
-Овој закон е првиот дел од вашето сценарио. Не е точно дека се укинува, останува во сила само за следните парлементарни избори. Значи, вие не сте убедени во победата на вашите политички партии. Напротив, вие го рушите во континуитет мостот кој е воспоставен, рече Минчев.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски посочи дека постојниот закон е формат договорен во Пржино и е единствено законско решение во кое, рече, стои дека е договор помеѓу четирите најголеми партии во Собранието, што не постои во ниеден друг закон.
-Едностарно укинување, без да се почитуваат принципите на кои бил усвоен, не е реформа ниту напредок на општеството во овој момент. Ние ќе гласаме против ова законско решение затоа што се што е усогласено со волја и политички деклариции на четирите партии од законодавниот дом, по истиот пат треба да се оди и за негова промена, сите да бидеме согласни. Ако не биде така, тогаш отсуствува политички дијалог и ако се избегнува дебата за вакви клучни прашања во Собранието, тогаш не можеме да глумиме во работата за Изборниот законик, рече Спасовски.
Моника Зајкова од ЛДП, пак, рече дека наместо да се плаќаат вонредни трошоци за дополнителни министри во техничката влада, за кои, рече, цената ја плаќа народот, треба да се воведе електронско гласање.
-Тоа е вистинскиот пат кон напредокот. Не сме тука за решенија на друга партија, туку во интерес на граѓаните. Јавноста гледа парада на дополнителни министри, заменици и функционери кои 100 дена се занимаваат со реваншизам, со смени на професионалци и со меѓусебни препукувања за дневнополитички поени, рече Зајкова.
Подготвено од А.Ѓ.