06.04.2026 Скопје
Војната на Блискиот Исток веќе има сериозни економски последици и директно влијае врз цените на енергенсите, храната и животниот стандард, предупредуваат експертите.
Анализирајќи ги глобалните трендови, финансискиот експерт Иван Ивановски посочува дека ова не е само регионална криза, туку структурен шок за светската економија, чии ефекти ќе се чувствуваат подолго време.
Зголемувањето на цените на нафтата и гасот, поради нарушувањата во снабдувањето преку Ормускиот теснец – преку кој минуваат околу 25 до 30 проценти од светската нафта и 20 проценти од течниот природен гас – веќе создава силен притисок врз економиите, особено во Европа и Азија.
Според Ивановски, ефектите од кризата неминовно ќе се прелеат врз секојдневниот живот на граѓаните.
Енергенсите влијаат на сè – од транспорт до производство на храна. Тоа значи повисоки трошоци и дополнителен инфлаторен притисок. Прашањето не е дали инфлацијата ќе расте, туку колку долго ќе трае – вели Ивановски.
Тој предупредува дека постои ризик од стагфлација – сценарио во кое економијата расте, но истовремено растат и цените, што ја намалува реалната куповна моќ на граѓаните.
Во меѓувреме, експертите од финансиските институции предупредуваат дека доколку Ормускиот теснец остане блокиран подолг период, цената на нафтата може да достигне и до 150 долари за барел, што дополнително ќе ја продлабочи кризата.
Покрај тоа, на глобалните пазари веќе се забележуваат невообичаени трансакции вредни стотици милиони долари, што укажува дека големите инвеститори веќе се позиционираат и профитираат од кризата.
Додека јавноста гледа хаос, институционалните инвеститори го прераспределуваат капиталот и се подготвуваат за следниот тренд – објаснува Ивановски.
Кризата веќе има ефект и врз индустријата, транспортот и снабдувачките синџири, а во наредниот период се очекува дополнителен раст на цените на храната, горивото и услугите.
Заклучокот на експертите е јасен – дури и ако економијата номинално расте, граѓаните ќе чувствуваат пад на куповната моќ, што значи дека ударот врз паричникот е неизбежен.
Подготвено од М.Д.