SAD I IRAN

06.04.2026 Скопје

Иран и САД добија план за прекин на непријателствата што би можел да стапи во сила денеска и повторно да го отвори Ормускиот Теснец.

Според пишувањата, Пакистан има составено рамка за прекин на непријателствата и ја размени со Иран и САД во текот на ноќта. Во рамката се наведува дека има двостран пристап со моментален прекин на огнот проследен со сеопфатен договор.

Сите елементи, како што рекол изворот, треба да се договорат денеска. Тој додава дека првично тоа ќе биде структурирано како меморандум за разбирање, финализиран електронски преку Пакистан, единствениот комуникациски канал во разговорите.

Американски медиум, повикувајќи се на американски, израелски и регионални извори, вчера објави дека САД, Иран и регионалните медијатори разговараат за потенцијален 45-дневен прекин на огнот како дел од двостран договор што би можел да доведе до траен крај на војната.

Изворот изјави дека началникот на пакистанската армија, фелдмаршал Асим Мунир, бил во контакт „цела ноќ“ со потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, специјалниот претставник Стив Виткоф и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи.

Според предлогот, прекинот на огнот би стапил во сила веднаш, со што повторно ќе се отвори Ормускиот Теснец, а во следните 15 до 20 би се финализирал поширок договор. Договорот, привремено наречен „Договор од Исламабад“, би вклучувал регионална рамка за Теснецот, со последни лични разговори во Исламабад.

Засега нема одговор од американските и од иранските претставници, а портпаролот на пакистанското Министерство за надворешни работи, Тахир Андраби, одбил да коментира.

Иранските претставници претходно изјавија дека Техеран бара траен прекин на огнот со гаранции дека нема повторно да бидат нападнати од САД и Израел. Тие велат дека Иран добил пораки од медијатори, вклучувајќи ги Пакистан, Турција и Египет.

„Се очекува конечниот договор да вклучува ирански обврски, да не се стреми кон нуклеарно оружје во замена за ублажување на санкциите и ослободување на замрзнатите средства“.

Во написот се додава дека два пакистански извори рекле оти Иран сè уште не се обврзал и покрај засилениот цивилен и воен контакт.

Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата упати остра порака до Иран во која се закани дека доколку Техеран за 48 часа не склучи договор или не го отвори Ормускиот Теснец, ќе се соочи со пекол од Соединетите Американски Држави.

Трамп на 26 март му даде на Техеран ултиматум од 10 дена да постигне договор за ставање крај на конфликтот и да го отвори Теснецот, клучен воден пат преку кој се одвива транспортот на четвртина од енергенсите во светот.

Ултиматумот тогаш беше поставен до денеска во 20 часот по вашингтонско време.

Подготвено од М.Д.

About Author