23.04.2026 Скопје
Нова научна студија покажува дека за здравјето не е пресудно само дали се дебелееме, туку и во кој период од животот тоа се случува. Истражувањата укажуваат дека зголемувањето на телесната тежина во раната возрасна доба е значително поопасно отколку дебелеењето во подоцнежните години.
Според податоците, лицата кои станале дебели меѓу 17 и 29 години имаат околу 70 проценти поголем ризик од смртност во споредба со оние кај кои дебелината се појавила многу подоцна, односно по шеесеттата година.
Студијата ја спроведе тим од Универзитет Лунд, кој анализирал податоци за повеќе од 600.000 луѓе. Во истражувањето биле вклучени само испитаници кај кои постоеле најмалку три мерења на телесната тежина во периодот од 17 до 60 години.
Иако научниците нагласуваат дека оваа врска не значи директна причинско-последична зависност, добро е познато дека дебелината е фактор на ризик за бројни заболувања.
Епидемиологот Тања Стокс истакнува дека најконзистентниот заклучок е токму поврзаноста меѓу раното дебелеење и зголемениот ризик од прерана смрт.
Една од можните причини е долготрајниот биолошки стрес што го трпи организмот. Кога телото подолго време е изложено на прекумерна тежина, се зголемува оптоварувањето врз органите и системите, што со текот на времето може да доведе до сериозни здравствени последици.
Истражувачите ја анализирале и смртноста поврзана со болести како кардиоваскуларни заболувања, различни видови рак и дијабетес тип 2. Притоа, срцевите и мозочните удари се покажале како најчеста причина за зголемениот ризик.
Дополнително, научниците укажуваат дека процеси како инсулинска резистенција, хронични воспаленија и зголемена склоност кон згрутчување на крвта, кои се поврзани со масното ткиво, играат важна улога во развојот на овие состојби.
Интересно е што кај жените, кога станува збор за рак, ризикот од прерана смрт бил сличен без оглед на тоа кога се појавила дебелината, што упатува на влијание и на други фактори, како хормоналните промени.
За полесно разбирање, научниците посочуваат дека ако од 1.000 лица без рано дебелеење починале 10, кај оние што се здебелиле во младоста бројката се зголемила на околу 17.
Подготвено од А.Ѓ.