https://www.facebook.com/photo.php?fbid=611519170337605&set=pb.100044385821029.-2207520000..&type=3

23.04.2026 Скопје

Поранешниот вицепремиер и министер Артан Груби останува во куќен притвор со 24-часовно полициско обезбедување, откако Кривичниот суд го прифати барањето на Обвинителството за продолжување на мерката. Со тоа, Груби и натаму ќе остане во домашен притвор под постојан надзор.

Груби се врати во Македонија на 23 февруари, по повеќе од 14 месеци бегство. Наместо да биде спроведен во истражниот затвор „Шутка“, му беше одреден куќен притвор поради наведени безбедносни закани.

Тој е осомничен заедно со уште еден бегалец, поранешниот директор на „Лотарија“ Перпарим Бајрами, за злоупотреби при набавка на ВЛТ апарати, при што, според МВР, државата била оштетена за повеќе од 8 милиони евра.

Според Обвинителството, Бајрами, кој бил претседател на Управниот одбор и генерален директор на „Државна лотарија“, на 9 мај 2023 година електронски до Владата во својство на Собрание на акционери на друштвото доставил информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа, при што било предложено да се спроведе постапка за набавка на ВЛТ-терминали и нивно имплементирање.

Проценетата вредност на таквата набавка изнесувала 42 отсто од сметководствената вредност на друштвото определена со последните финансиски извештаи, односно станува збор за голема зделка за која во согласност со закон е предвидена постапка за одобрување од Управниот и од Надзорниот одбор на „Државна лотарија“, а не од Собранието на акционери.

Груби е осомничен за „Проневера во службата“ затоа што како вицепремиер претседавал со седницата на која Владата ја задолжила Државна лотарија да набави ВЛТ-терминали за да почне самостојно да организира електронски игри на среќа. По истрагата имаше правни толкувања дека Груби, иако претседавал со седницата, не може да одговара за колективна одлука на Владата.

Инаку, неколку дена пред да биде осомничен во декември 2024 година, Груби беше ставен на американската црна листа заедно со судијата Енвер Беџети, поради сомнежи за корупција поврзана со судски предмети.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author