fatmir_bitiki

24.03.2026 Скопје

Карактерот на оваа енергетска и економска криза не се изразува само преку ценовниот шок со кој се соочуваат граѓаните на бензинските пумпи. Станува збор за геополитички шок врз снабдувањето со енергенси, со реален ризик од бран поскапувања преку транспортот, храната, логистиката и услугите.

Енергетската криза што еруптираше по воената интервенција на САД и Израел врз Иран,  удри врз светската економија, а последиците се чувствуваат и кај нас. За само неколку недели цените на дериватите значајно се зголемија (кај дизелот поскапувањето е над 43 проценти во однос на состојбата од 5 јануари годинава). Инфлацијата чука на врата, забавувањето на економскиот раст исто така. И онака нискиот животен стандард, кој е на ниво од 39-40 отсто од европскиот просек, е дополнително загрозен. Владата конечно се „разбуди“ и донесе одлука за намалување на ДДВ за дериватите од 18 на 10 отсто, но дали е тоа доволно? Опозициската СДСМ предложи  многу поширок опсег на мерки, за што има подготвено и предлог законски измени.  За сите овие прашања, но и за капацитетот на државата и на Буџетот за справување со кризата, за потребата да им се помогне на најранливите категории граѓани и на земјоделците во пресрет на пролетните активности, разговаравме со пратеникот во Собранието од редовите на СДСМ, Фатмир Битиќи, кој во претходната Влада ја извршуваше функцијата вицепремиер задолжен за економските сектори. Таквото искуство, но и претходното, како меѓународен експерт од областа на менаџирањето со економски процеси и реформи со преку 20 години работно искуство, го прави Битиќи извонредно компетентен соговорник за најчувствителните економски прашања.

Не, само со намалување на ДДВ не се решава енергетски проблем. Тоа е само лепење на фластер на раната, а не терапија на процесите кои водат до проблемот. Владата сама кажа дека без интервенција бензините би пораснале за 6,5 денари по литар, а дизелот за 10,5 денари, додека со намалувањето на ДДВ од 18% на 10% очекувањето е бензините да останат речиси непроменети, а дизелот да порасне за околу 3,5 денари. Тоа значи дека мерката само делумно го амортизира првиот удар, но не ја решава суштината на проблемот – цените растат, вели Битики

Во македонски услови, ова е уште почувствително затоа што граѓаните и пред новиот енергетски удар веќе живееја под ценовен притисок. Инфлаторниот притисок не започна денес, со ескалацијата на Блискиот Исток, денес се долева „бензин на огнот“.

Уште пред заострувањето на енергетскиот и економски удар, Владата веќе беше во преговори за ново задолжување од 300 милиони евра за финансирање на буџетскиот дефицит и доспеаните, а не платени обврски. Ова задолжување не беше планирано кога се носеше Буџетот за 2026 година, односно динамиката на буџетот потфрли и не ги задоволи финансиските очекувања. Се надеваа на многу, а добија малку. Во исто време, Министерството за финансии уште при носењето на Буџетот за 2026 соопшти дека годинава треба навремено да се сервисираат вкупно 74,8 милијарди денари обврски, а во јуни доспева и еврообврзницата од 700 милиони евра. Тоа значи дека уште на стартот на годината фискалниот притисок бил сериозен, независно од подоцнежниот енергетски потрес на економијата.

Кога ќе ги погледнете месечните бројки, сликата се кристализира. Вкупните буџетски приходи во јануари 2026 изнесуваа 22,4 милијарди денари, што е пад од 12,3 милијарди денари за еден месец, ако се спореди со 34,7 милијарди денари приходи во декември 2025. Истовремено, вкупните расходи во јануари изнесуваа 32,2 милијарди денари, што значи месечен дефицит од околу 9,8 милијарди денари. Кај даночните приходи, јануари е околу 12 милијарди денари, наспроти околу 19 милијарди денари во декември.

Затоа мојот став е дека не станува збор за тоа дали Владата може да го смени законот за акцизи, туку дали сака. Во услови кога буџетот е под притисок, секое поскапување на нафтените деривати за државата станува и фискална утеха. Колку е повисока цената, толку е поголем просторот за дополнителен буџетски прилив, особено преку ДДВ-то, а ако не се интервенира и кај акцизата, товарот уште повеќе останува врз грбот на граѓаните. Владата свесно остава дел од ценовниот удар да се прелее во буџетот како дополнителен приход, затоа што на тој начин добива фискален комодитет.

Подготвено од М.Д.

About Author