EU MERKOSUR

25.03.2026 Скопје

Трговскиот договор меѓу Европската унија и блокот Меркосур ќе почне привремено да се применува од 1 мај, објави Европската комисија, што вклучува укинување на царините за повеќето стоки од двете страни.

Портпаролот на Европската комисија потврди дека Брисел испратил известување до Парагвај, кој моментално претседава со Меркосур, преземајќи го последниот чекор за започнување на привремената примена на договорот што земјите-членки на ЕУ го поддржаа на 9 јануари.

Привремената примена ќе се однесува само на земјите што го одобриле договорот и ја известиле ЕУ, а тоа се моментално Аргентина, Бразил и Уругвај, додека Парагвај сè уште не доставил известување.

Договорот ќе остане на сила сè додека не заврши процесот на ратификација во ЕУ во наредните години, откако Судот на правдата на ЕУ ќе одлучи за неговата компатибилност со правото на ЕУ, во постапка иницирана од европратениците.

Европската комисија наведува дека компаниите, потрошувачите и земјоделците ќе можат веднаш да ги почувствуваат придобивките од договорот, додека чувствителните земјоделски сектори ќе бидат заштитени со посебни механизми што ќе стапат во сила на почетокот на април.

Европскиот комесар за трговија, Марош Шефчовиќ, оцени дека привремената примена е важен чекор кон постигнување на целите на договорот, вклучувајќи ги и новите можности за трговија, раст и работни места.

Одлуката за примена на договорот предизвика спротивставување од некои земји, вклучително и Франција, чии претставници сметаат дека тој ги крши демократските принципи, како и од некои членови на Европскиот парламент кои долго време се спротивставуваа на овој договор.

Подготвено од М.Д.

About Author