19.08.2026 Скопје
САД би можеле да се вратат на преговарачка маса со Иран во одреден момент, изјави денес американскиот претседател Доналд Трамп, додавајќи, сепак, дека ситуацијата е „многу добра“.
Трамп еден ден претходно изјави дека САД немаат закажани разговори со Иран, додавајќи дека САД еден ден би можеле да се вратат на преговарачката маса.
„Можеби во одреден момент. Но, во моментов мислам дека ситуацијата е толку добра. Можеби во одреден момент“, рече Трамп, одговарајќи на прашање дали САД ќе се вратат на преговорите.
Тој повтори дека Иран не смее да развива нуклеарно оружје, додавајќи дека тоа е услов за успех на преговорите уште од почетокот на војната.
„Видете, многу е едноставно. Тие мора целосно да се откажат, без нуклеарно оружје. Иран не може да има нуклеарно оружје. Знаете ли зошто? Затоа што би го употребиле. А ние нема да им дозволиме. Значи, Иран не може да има нуклеарно оружје и нема да го има“, рече Трамп.
Тој потврди дека САД имаат многу бродови што минуваат низ Ормутскиот теснец, алудирајќи на извештаите дека американската морнарица помага да се обезбеди безбедно поминување на дел од нафтата низ теснецот.
„Многу бродови поминаа синоќа. Мислам дека го поседуваме, имаме целосна контрола врз теснецот, освен пречките. А има пречки кога повремено пукаат со дронови.“
„Не сите ќе дојдат, но доаѓаат, а во последните неколку недели имавме многу нафта што доаѓа. Нема да биде совршено, но многу нафта доаѓа“, рече Трамп за време на обиколката на хелиодромот што моментално е во изградба пред Белата куќа.
Подготвено од А.Ѓ.