15.07.2026 Скопје
Торонто денес има најзагаден воздух од кој било поголем град во светот, соопшти швајцарската компанија IQAir, додека чадот од пожарите во северозападната канадска покраина Онтарио го покриваше небото и ги натера здравствените власти да ги предупредат жителите да ги ограничат своите активности на отворено поради високите температури.
Канадската метеоролошка служба соопшти дека индексот на ризик по здравјето на воздухот (AQHI) во Торонто достигнал 10+, категоријата „многу висок ризик“, а опасните услови се предвидува да траат до четврток вечерта.
Швајцарската компанија за мониторинг на квалитетот на воздухот IQAir го рангираше Торонто како најзагаден град во светот, пред Киншаса и Њу Делхи.
Чадот од шумските пожари во северна Канада се прошири во големи делови од Соединетите Американски Држави во последниве години, што доведе до здравствени предупредувања, особено за доенчињата и постарите лица, кои се почувствителни на честичките чад.
Канадската влада соопшти дека сезоната на шумски пожари во 2026 година започнала побавно од 2023 и 2025 година, кои беа меѓу најлошите досега, но предупреди дека се очекува бројот на пожари да се зголеми поради надпросечните температури низ целата земја.
Според канадската влада, денес во земјата имало 835 активни шумски пожари, од кои 112 се надвор од контрола.
Досега се изгорени околу 1,9 милиони хектари вегетација, а најголем број пожари се регистрирани во провинциите Манитоба, Саскачеван и Онтарио.
Торонто, исто така, се соочува со топлотен бран во последните денови.
Канадската метеоролошка служба го задржа предупредувањето за висока температура, со прогноза дека максималната дневна температура ќе биде околу 33 степени Целзиусови, додека поради високата влажност, субјективното чувство ќе биде околу 39 степени Целзиусови.
Подготвено од А.Ѓ.