06.07.2026 Скопје
Шведска го засилува своето воено и цивилно присуство на стратешки важниот остров Готланд во Балтичкото Море, подготвувајќи се за потенцијални безбедносни предизвици во случај Русија да одлучи да ја тестира подготвеноста на НАТО.
Според британскиот весник, островот, кој се наоѓа на само 275 километри од руската енклава Калининград и на 87 километри од шведското копно, минува низ една од најобемните воени и цивилни подготовки во модерната историја на земјата.
Шведската одбранбена стратегија за периодот 2025-2030 година го наведува изненадувачкиот напад врз Готланд како едно од седумте приоритетни сценарија за кои земјата мора да биде подготвена.
Според воените проценки, контролата врз островите овозможува надзор на поморските и воздушните операции во целиот балтички регион, како и заштита од пристигнувањето на сојузничките засилувања во балтичките држави.
Полковникот Андреас Густафсон, највисоко рангиран шведски воен офицер на Готланд, за Гардијан изјави дека островот е од исклучително стратешко значење. „Ако го контролирате Готланд, можете да го контролирате и Балтичкото Море. Затоа мора да го држиме под контрола, не само за Шведска, туку и за НАТО“, рече Густафсон.
Иако шведските власти веруваат дека во моментов нема непосредна закана од класична воена инвазија, тие предупредија дека шпионажата и саботажата се многу поверојатни форми на руска активност. Густафсон рече дека евентуалниот крај на војната во Украина би можел да го зголеми ризикот бидејќи Русија потоа би можела брзо да ги пренасочи своите воени капацитети кон Финска и балтичките држави.
„Секогаш постои ризик Русија да стане очајна. Колку е поголем притисокот врз неа, толку понепредвидлива може да стане“, предупреди шведскиот воен командант.
За време на Студената војна, Готланд имал четири полкови и околу 25.000 војници во целосна мобилизација, но последниот полк, П18, бил распуштен во 2005 година, оставајќи само мала единица за територијална одбрана на островот.
Ситуацијата се промени по руската анексија на Крим во 2014 година, а особено по руската инвазија на Украина во 2022 година.
Полкот П18 беше повторно воспоставен во 2018 година, а од влегувањето на Шведска во НАТО, Готланд стана редовна локација за сојузнички воени вежби.
Шведска годинава издвои 2,8 проценти од својот бруто домашен производ за одбрана, додека планира да го зголеми својот буџет на 3,1 процент од БДП од 2028 година.
Покрај војската, Шведска интензивно развива и систем за цивилна заштита.
Подготвено од А.Ѓ.