https://www.flickr.com/photos/madsok/49626329806/in/photolist-2iBiUTY-2n3dA6x-6XtqW5-6XsKMU-4eqMvY-EtF81H-4wDTvp-5LDKai-2iKEtzi-5AdgWU-554hM6-XuHzrT-2mezBD1-kJhvek-2kXM5YJ-5TM5PM-4edWt6-qiJG51-dqPBe4-yvVeo-2n4DiA1-4edWnP-2nodm6w-2nEqUSt-gPD2rB-2QZdJ8-7KdmFU-GyRbH9-2i1X5J-2njQJ9Y-6o9z6c-2aFmxkF-H2EsQL-MQUMp-5GTFGU-mgqXW4-2n5Qyvt-2n77NvX-aMFidZ-2mYxkzA-2ijoqFy-2n3dE5n-9mmWFG-2cGHu8R-9A5RDT-9mMxQz-H46L9g-T2dg27-2ijnhca-676iB

14.07.2026 Скопје

Европската Унија и Молдавија денес ги започнаа преговорите на Меѓувладината конференција во рамките на Групата 6 – Надворешни односи, која ги опфаќа областите на надворешна политика, безбедност и одбрана, што означува нов чекор за Кишињев во процесот на пристапување кон ЕУ, објавија претставници на ЕУ и Молдавија.

Ирскиот министер за европски прашања и одбрана, Томас Бирн, изјави дека денешниот ден е „историски ден за проширувањето на ЕУ“, истакнувајќи дека најголемиот број конференции за пристапување се одржале во еден ден од 2002 година.

Тој изјави дека, заедно со европската комесарка за проширување Марта Кос и вршителот на должноста премиер на Молдавија, Еуген Осмоческу, претседавал со третата конференција за пристапување со Молдавија, што го означува континуираниот напредок на земјата на нејзиниот европски пат.

„Во јуни го отворивме Кластер 1, а денес Советот на Европската Унија го обезбеди отворањето на Кластер 6 за надворешни односи со Молдавија. Ова е навистина значаен напредок“, рече Бирн на прес-конференција.

Тој оцени дека Молдавија постојано покажува стратешка усогласеност со Европската Унија и нејзините вредности.

Вршителот на должноста премиер на Молдавија, Еуген Осмоческу, оцени дека отворањето на преговорите во рамките на Групата 6 претставува важен чекор што ја доближува неговата земја до Европската Унија.

„Би сакал да им се заблагодарам на ирското претседателство со Советот на Европската Унија, на Европската комисија и на сите земји-членки за денешната дискусија и за нивната континуирана доверба во европската иднина на Молдавија“, рече Осмоческу.

Осмоческу оцени дека отворањето на Кластер 6 одразува „одлучувачки, суверен и неповратен геополитички избор“ на Молдавија и нејзините граѓани.

Еврокомесарот за проширување Марта Кос го опиша денешниот ден како „Супер вторник за проширување на ЕУ“, истакнувајќи дека се одржуваат четири конференции за пристапување со Молдавија, Украина, Црна Гора и Албанија, што не се случило од 2002 година.

„Само 14 дена од почетокот на ирското претседателство со Советот на ЕУ, ова покажува голем моментум“, рече Кос.

Таа изјави дека Молдавија е дел од безбедносната архитектура на европскиот континент и дека напорите на земјата да го зачува својот територијален интегритет претставуваат важен придонес кон европската стабилност.

Кос нагласи дека Групата 6 не е едноставна, но е од клучно значење бидејќи зборува за тоа како ЕУ дејствува во светот, ги штити заедничките вредности и интереси, ја промовира трговијата заснована на правила и ја зајакнува колективната безбедност.

Групата 6 „Надворешни односи“ вклучува две преговарачки поглавја, Поглавје 30 – Надворешни односи и Поглавје 31 – Надворешна, безбедносна и одбранбена политика.

Поглавје 30 „Надворешни односи“ се однесува на заедничката трговска политика на Европската Унија, хуманитарната помош и развојната соработка, и вклучува усогласување со трговското законодавство на ЕУ, меѓународните обврски и релевантните позиции во надворешната политика.

Поглавје 31 „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика“ ја опфаќа заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија, вклучувајќи усогласување со позициите на ЕУ во надворешната политика, политичките декларации, санкциите и другите рестриктивни мерки.

Преговорните поглавја во пристапните преговори за членство во Европската Унија се поделени во шест кластери – Кластер 1 – Основи, Кластер 2 – Внатрешен пазар, Кластер 3 – Конкурентност и инклузивен раст, Кластер 4 – Зелена агенда и одржлива поврзаност, Кластер 5 – Ресурси, земјоделство и кохезија и Кластер 6 – Надворешни односи.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author