17.07.2026 Скопје
Количината на прашина од пустината Сахара се зголеми во последните 10 години, што претставува проблем со загадувањето што особено ги погоди Италија и јужна Европа, каде што концентрациите се двојно повисоки отколку во остатокот од стариот континент, со последици и за здравјето и за ефикасноста на соларните електрани, покажува нова студија.
Ова е најголемата студија на оваа тема досега, предводена од истражувачите Петрос Василакос, Имад Ел-Хадад и Каспар Даленбах од Институтот „Пол Шерер“ во Швајцарија, а објавена во списанието „Нејчр“.
Анализата на податоци што опфаќаат изминативе 100 години, во која се вклучени италијанските универзитети во Џенова, Фиренца, Калабрија и Милано, како и Националниот институт за нуклеарна физика и Регионалната агенција за заштита на животната средина на Ломбардија, покажува дека просечната концентрација на пустинска прашина измерена во јужна Европа денес е 5,3 микрограми на кубен метар воздух, вредност што се зголемила за околу половина микрограм во текот на последната деценија.
„Тоа е значителен број, како во однос на ефикасноста и односот трошок-придобивка на големите соларни електрани, така и во однос на влијанието врз здравјето поради зголеменото загадување со честички“, рече Даленбах.
Се смета дека главните причини се зголемената сушност на Сахара и промените во атмосферската циркулација, што доведува до сè посилни ветрови што дуваат од пустината кон Европа.
Оваа прашина може да има здравствени последици и на краток рок, со значително поголем број смртни случаи од срцеви удари и респираторни проблеми регистрирани во денови со високи нивоа на пустинска прашина во воздухот, и на долг рок, предизвикувајќи случаи на пневмокониоза, астма и хроничен бронхитис.
„Иако бројот на бури што носат пустинска прашина од Сахара и арапските пустини всушност не се зголеми, тие сепак станаа поинтензивни“, рече Василакос.
Студијата нагласува дека, за разлика од честичките што се резултат на човековите активности, емисиите на пустинска прашина не можат да се намалат преку директни интервенции.
Сепак, мерките за ограничување на глобалното затоплување би можеле на долг рок да помогнат во спречувањето на сушењето на пустинските области и со тоа да се спречи ширењето на овие емисии на прашина.
Сепак, засега, Европа мора да живее со зголеменото присуство на пустинска прашина и затоа, како што заклучуваат авторите, важно е да се воспостават системи за предупредување за високи концентрации, слични на оние што се користат за урбаните честички, со што ќе им се помогне на оние што се изложени на ризик да преземат мерки на претпазливост.
Подготвено од А.Ѓ.