francija

20.07.2026 Скопје

Франција денес ги обвини иранските безбедносни служби за „сериозен чин на заплашување“ откако, според француското Министерство за надворешни работи, двајца вработени во француската амбасада во Техеран биле приведени, испрашувани и држени неколку часа без објаснување, додека еден од нив, според францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, бил и физички малтретиран.

Како што Баро изјави во објава на социјалната мрежа X, двајцата службеници подоцна се вратиле во француската амбасада во Техеран, каде што се безбедни и чекаат да се вратат во Франција.

„Во неделата навечер, двајца службеници на француската амбасада во Иран беа цел на исклучително сериозен чин на заплашување од страна на иранските безбедносни служби, што е јасно кршење на дипломатскиот имунитет на кој имаат право“, напиша Баро на социјалната мрежа X.

Тој изјави дека двајца вработени биле „неразумно приведени неколку часа и испрашувани, а еден од нив бил физички нападнат“, по што успеале да се вратат во амбасадата.

Според него, нивното враќање во Франција треба да биде организирано во наредните часови.

Баро оцени дека овој инцидент е особено сериозен бидејќи двајцата функционери се вклучени во француски програми за поддршка на иранското граѓанско општество, вклучително и проекти насочени кон уметници и научници.

Францускиот министер рече дека изразил поддршка за вработените и францускиот амбасадор во Иран и дека го информирал иранскиот министер за надворешни работи за случајот, велејќи дека „таквиот напад врз интегритетот на француските службеници нема да остане без последици“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author