evropska-komisija

17.07.2026 Скопје

Европската комисија планира да предложи серија мерки на почетокот на 2027 година за олеснување на прекуграничните спојувања на банки во Европската Унија со цел европските финансиски институции да бидат поконкурентни во однос на големите американски банки, се вели во извештајот на Комисијата објавен денес.

Во документот се забележува дека фрагментираниот банкарски пазар и честото политичко мешање во прекуграничните преземања ги спречуваат банките од ЕУ да го достигнат обемот на операции потребен за да се натпреваруваат под рамноправни услови со американските конкуренти.

Комисијата проценува дека многу европски банки се големи во однос на нивните домашни пазари, но сепак се премногу мали во споредба со големината на единствениот пазар на ЕУ и водечките меѓународни конкуренти.

Меѓу планираните мерки е ограничувањето на можноста на земјите-членки да блокираат прекугранични спојувања кога нема основа за тоа предвидена со европските правила.

Овој став доаѓа откако германската влада во јуни ја отфрли понудата од италијанската „УниКредит“ за преземање на „Комерцбанк“, тврдејќи дека банката е од стратешко значење за германската економија.

Комисијата, исто така, размислува за олабавување на одредени правила за капитал и ликвидност за прекуграничните банкарски групи, така што дел од регулаторните барања би можеле да се исполнат на ниво на матична компанија, наместо на поединечни филијали.

Според проценките во извештајот, ваквите промени би можеле да ослободат околу 230 милијарди евра ликвидност за финансирање на економијата и нови инвестиции.

Банкарскиот сектор претпазливо ја поздрави иницијативата, оценувајќи дека успехот на реформата ќе зависи од конкретни регулаторни промени и поголема координација меѓу земјите-членки.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author