09.06.2026 Скопје
Собраниската Комисија за здравство денес го усвои предлог-законот за заштита од употреба на тутун или сродни производи, во прво читање, и го проследи на понатамошна собраниска постапка.
Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, објасни дека новото законско решение произлегува од потребата за обезбедување посеопфатна и поефикасна заштита на јавното здравје, со посебен акцент на децата и младите, како и од обврската за усогласување со европското законодавство.
– Пушењето е водечка причина за смртност и хронични заболувања во Република Македонија. Според Светската здравствена организација, над 45 проценти од возрасната популација во земјата пуши, што ја става Македонија меѓу земјите со највисока стапка на пушење во Европа. Пушењето е поврзано со повеќе од една третина од сите случаи на рак на белите дробови и значителен дел од кардиоваскуларните заболувања – рече Андовски.
Тој истакна дека употребата на тутун и никотински производи кај младите луѓе на возраст од 13 до 15 години достигнала 13,6 проценти во 2024 година, што е највисоко ниво досега. Преваленцата на употреба на е-цигари кај оваа возрасна група е девет проценти.
Дополнително загрижувачки е фактот што 73 проценти од младите луѓе кои се обиделе да купат цигари не биле одбиени при купувањето.
Андовски се осврна и на штетните последици од изложеноста на пасивно пушење, нагласувајќи дека предложените законски измени имаат за цел да ја подобрат заштитата на здравјето на граѓаните и да придонесат за намалување на употребата на тутун и сродни производи, особено кај младата популација.
Подготвено од А.Ѓ.