17.06.2026 Скопје
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави на маргините на самитот на Групата седум во Франција денес дека привремениот договор со Иран сè уште не е конечен и предупреди дека Вашингтон би можел да ги продолжи воздушните напади ако не е задоволен од неговото спроведување или ако Техеран не се однесува соодветно.
Трамп рече дека документот постигнат со Иран е меморандум за разбирање, а не конечен договор.
„Тоа е меморандум за разбирање и ако не ми се допадне, ќе се вратиме на пукање и бомбардирање. Ако не ми се допадне и не се однесуваат правилно, повторно ќе се вратиме на бомбардирање“, рече Трамп на маргините од самитот.
Тој изјави дека меморандумот не предвидува итно укинување на санкциите врз Иран, но во исто време го пофали рамковниот договор постигнат од неговата администрација. Според него, станува збор за многу силен договор, чии детали сè уште не се целосно познати на јавноста, но повеќето луѓе се задоволни од него.
Американскиот претседател оцени дека овој чекор би можел да има позитивно влијание врз финансиските пазари, додавајќи дека пазарот реагира исклучително позитивно, додека алтернативата би била сериозна глобална економска криза.
Зборувајќи за енергетскиот сектор, Трамп изрази очекување дека цените на нафтата на светскиот пазар би можеле дополнително да паднат и да бидат на пониско ниво отколку што беа пред почетокот на конфликтот.
Подготвено од А.Ѓ.