05.06.2026 Скопје
Италијанскиот вицепремиер Матео Салвини денес ги повтори претходните барања водечките банки во земјата, првенствено „Интеса Санпаоло“ и „Уникредит“, да дадат финансиски придонес за стимулирање на домашната економија.
Зборувајќи во Милано, Салвини истакна дека двете најголеми банки во Италија ќе ја завршат тековната година, која беше исклучително тешка за повеќето семејства, со историски профит од дури 20 милијарди евра.
Според планот на Салвини, дел од парите собрани од банкарските профити би биле директно насочени кон државни програми за да им се помогне на семејствата да го купат својот прв дом.
Неговата политичка партија, Лигата, која е членка на владејачката коалиција на премиерот Џорџија Мелони, долго време гласно ја поддржува оданочувањето на вишокот профит на банкарскиот сектор во корист на економскиот раст на земјата.
Ова не е прв пат официјален Рим да се обиде да воведе дополнителни давачки врз финансиските институции.
Сличен обид во 2023 година, кој предвидуваше данок од 40 проценти на неочекуваната добивка на банките, не успеа по острата реакција од финансиските пазари, додека подоцна поумерените даноци, договорени во соработка со самите доверители, донесоа минимални средства во буџетот.
Притисокот врз италијанскиот буџет е огромен, бидејќи се предвидува италијанската економија да расте со стапка од само 0,6 проценти оваа година, што е пониско од претходните проценки.
Со јавен долг далеку над 130 проценти од бруто домашниот производ (БДП) и минатогодишен дефицит од 3,1 процент, владата во Рим нема многу простор за маневрирање за државните трошоци и итно има потреба од дополнителни средства.
Подготвено од А.Ѓ.