02.06.2026 Скопје
САД денес воведоа санкции врз најголемата иранска берза за криптовалути „Нобитекс“, нејзиниот менаџмент и уште три ирански платформи за тргување со дигитални средства, објави Министерството за финансии на САД.
Санкциите се дел од поширока кампања за економски притисок врз Иран и доаѓаат во време кога дипломатските напори за постигнување договор меѓу Вашингтон и Техеран продолжуваат да не даваат конкретни резултати. Американските власти го обвинуваат „Нобитекс“ за олеснување на трансакции поврзани со активности што Вашингтон ги смета за терористички, вклучително и финансиски текови поврзани со Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), како и за заобиколување на меѓународните санкции.
Министерството за финансии на САД соопшти дека платформата наводно им помогнала на иранските институции и поединци поврзани со владата да користат меѓународни крипто платформи и да пристапат до стотици милиони долари во дигитални средства и покрај постојните ограничувања. Санкциите ги вклучуваат и извршниот директор на крипто берзата Nobitex, тројцата коосновачи на компанијата и уште три ирански крипто берзи.
Вашингтон тврди дека „Нобитекс“ исто така одиграл улога во преместувањето на финансиските средства од Иран по почетокот на американските воени операции.
Подготвено од А.Ѓ.