tokio majki

12.06.2026 Скопје

Јапонските програмери сè повеќе користат вештачка интелигенција за развој на апликации што го анализираат плачот на бебињата и им даваат на родителите можни објаснувања за нивните потреби, од глад до непријатност, за да ја олеснат грижата за новороденчињата и да ја намалат родителската анксиозност.

Системите работат со класифицирање на различни обрасци на плачење и ги прикажуваат проценетите потреби на детето, како што се глад или потреба за спиење, заедно со процент на веројатност, и овозможуваат складирање на снимки од плачење и нивно споделување со други лица кои се грижат за него.

Таткото Мото Нумазава (25) развил и тестирал бесплатна апликација наречена „Бејбилингвал“ која го анализира плачот на бебето и ги прикажува веројатните причини со препораки за родителите.

Кон крајот на април, Нумазава го држел својот паметен телефон блиску до својот тримесечен син, Саку, по што апликацијата ја прикажала пораката „Гладен сум“ за неколку секунди, заедно со проценка на веројатноста и совет дека можеби е време за хранење, а детето брзо заспало во рацете на мајка си откако се хранело.

Нумазава, кој веќе имал искуство со компјутери, ја развил идејата откако неговата сопруга забременила, наведувајќи дека младите родители во Јапонија имаат ограничен пристап до помош од поширокото семејство.

„Родителите и децата се развиваат заедно. Се надевам дека апликацијата ќе помогне за подобра комуникација меѓу нив“, рече тој.

Неговата сопруга, Ју, рекла дека апликацијата ѝ помогнала да ги разбере потребите на детето што таа не би можела сама да ги протолкува.

„Не разбирав зошто плачеше кога имаше гасови во стомакот, па апликацијата ми помогна во тоа“, рече таа.

Слични решенија развиваат и други компании, како што е „Крос Медисин Инк.“ од Универзитетот во Токушима, која ја разви апликацијата „Авабејби“ со вештачка интелигенција тренирана на повеќе од 160.000 снимки од бебешки плач.

„Awababy“ препознава 11 различни емоционални состојби и им дава на родителите предлози како да го смират своето дете, а е особено популарен во текот на ноќта кога е потешко да се побара совет.

Компанијата, исто така, наведува дека технологијата покажува потенцијал да помогне во намалувањето на ризикот од постпартална депресија.

Локалните самоуправи во Јапонија, исто така, ја тестираат употребата на овие апликации преку програми за поддршка на родителите и ја разгледуваат нивната поширока примена во системот за грижа за деца.

Во март, градот Мишима во префектурата Шизуока одржа пробна сесија за корисниците на апликацијата „Awababy“ и размислува услугата да стане бесплатна.

Градот Ојама во истата префектура почна да доделува кориснички сметки на родители чии деца се родени на или по 1 април.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author