nafta-skladiste-1

01.06.2026 Скопје

Обемот на стратешките резерви на нафта на Соединетите Американски Држави падна на најниско ниво во последните две години откако Вашингтон беше принуден да отвори складишта за да го ублажи глобалниот дефицит предизвикан од конфликтот со Иран.

Министерството за енергетика на Соединетите Американски Држави (EIA) објави дека залихите на нафта и нафтени деривати во стратешките резервоари моментално изнесуваат 1,584 милијарди барели и дека резервите продолжуваат да се намалуваат.

Експертите предупредуваат дека обемот на залихи наскоро би можел да го пробие критичниот праг од 1,5 милијарди барели, што е нивото под кое САД последен пат беа во март 2023 година.

Според пресметките на телевизиската мрежа Си-Ен-Ен, од почетокот на отворениот конфликт со Иран, количината на нафта во стратешките резерви на САД е намалена за околу 12 проценти.

„С&П Глобал Енерџи“ проценува дека блокадата на Ормуз го лишила светскиот пазар од дури 1,2 милијарди барели нафта.

САД само минатата недела префрлија 9,1 милиони барели од резервите на пазарот за барем делумно да го покријат дефицитот на пазарот.

Аналитичарите предупредуваат дека кризата нема да исчезне преку ноќ, дури и ако Вашингтон и Техеран веднаш потпишат мировен договор.

„Доколку утре се постигне договор, ќе бидат потребни најмалку шест недели за да се расчисти застојот и метежот со танкерите во Ормутскиот теснец“, предупредува Хелима Крофт, главен аналитичар во RBC Capital Markets.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author