25.06.2026 Скопје
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека Соединетите Американски Држави биле разочарани од своите сојузници за време на воената офанзива против Иран и критикуваше неколку европски земји-членки на НАТО.
„Нè разочараа“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Тој додаде дека на САД не им е потребна помош во конфронтацијата со Иран и дека се способни сами да ги уништат.
„Но, ќе беше убаво да кажеа: „Би сакале да помогнеме“. Дури и не ни требаше помош, но ќе беше убаво ако го кажаа тоа. Тие не го кажаа тоа“, рече Трамп, според „Фокс њуз“. Тој рече дека можел да се обрати до Руте за поддршка доколку е потребно.
„Мислам дека ако го поканев, веројатно ќе најдеше начин да помогне ако ни беше потребно. Чувствувам, знаете, дека ќе беше малку поинаку“, рече Трамп, додавајќи дека НАТО ги изневери САД и дека ако некој друг беше на чело на Алијансата, денешниот состанок немаше да се одржи.
„Мислам дека ако некој друг беше во оваа позиција, немаше да се состанеме денес, ќе ви ја кажам вистината, бидејќи бевме разочарани“, рече Трамп. Тој нагласи дека САД очекуваат само лојалност од своите европски сојузници во НАТО, а не пари.
„Само сакам да ни бидат лојални. Не ни требаат нивните пари. Не ни треба ништо. Без сомнение, имаме најмоќната војска во светот. Но, јас само сакам лојалност“, рече Трамп. Потоа критикуваше неколку европски земји.
„Бев разочаран. Бев разочаран од Италија. Бев разочаран од Велика Британија“, нагласи американскиот претседател. Трамп додаде дека е разочаран и од Германија и Франција.
„Бевме разочарани од Германија и Франција. Разочарани сме од повеќето од нив. Шпанија е хорор-шоу“, додаде Трамп. Американскиот претседател денес го критикуваше и британскиот премиер Кир Стармер, велејќи дека „сега го нема“.
„Тој сега го нема и, знаете, имаше многу проблеми“, рече Трамп за Стармер, кој во понеделник објави оставка од функцијата лидер на владејачката Лабуристичка партија, велејќи дека ќе остане премиер додека не се избере нов лидер.
Подготвено од А.Ѓ.