OMANSKI ZALIV

24.06.2026 Скопје

Оман денес објави дека воспоставил, во соработка со Меѓународната поморска организација (IMO), привремен поморски коридор за бродови кои сакаат да поминат низ Ормутскиот теснец.

Според државната новинска агенција на Оман, ONA, бродовите што сакаат да го користат овој привремен коридор ќе мора да се координираат со IMO, во согласност со координатите објавени од организацијата и властите на Оман. Се наведува дека целта на оваа мерка е да се обезбеди слобода на пловидба низ стратешки важниот теснец во согласност со меѓународното право и поморското право, кои гарантираат слобода на пловидба без наплата на транзитни такси.

Сообраќајот низ Ормутскиот теснец почна да се обновува по напредокот во разговорите меѓу САД и Иран, при што податоците за следење на бродовите покажуваат дека два супертанкери го напуштиле теснецот, додека седум празни танкери со течен природен гас (LNG) наменети за Катар влегле во Персискиот Залив за нови товари, соопштија компаниите за следење на бродови претходно денес. Компаниите соопштија дека сообраќајот се зголемил откако Вашингтон и Техеран ја завршија првата рунда разговори и се согласија за рамка за постигнување траен договор во следните 60 дена.

Аналитичарите проценуваат дека продолжувањето на преговорите би можело да овозможи извоз на дополнителни количини сурова нафта што останаа блокирани во Заливот од почетокот на конфликтот, како и зголемување на извозот на иранска нафта по ублажувањето на санкциите.

Меѓу бродовите што поминале низ теснецот се супертанкерите „Дубаи енерџи“, кои превезуваат околу два милиони барели нафта од Абу Даби и Саудиска Арабија, наменети за кинескиот регион Тајван, и „Јуниверзал Глори“, кој превезува два милиони барели саудиска сурова нафта во Јужна Кореја. Податоците, исто така, покажуваат дека седум танкери за течен природен гас (ЛНГ) контролирани од „Катар енерџи“ се упатиле кон Катар за нови товари помеѓу 11 и 22 јуни, што е најголем број празни бродови за течен природен гас што поминале низ теснецот откако започнал конфликтот.

Аналитичарите велат дека трендот укажува на очекувања дека Катар ќе продолжи со планираното зголемување на производството и извозот на течен природен гас. Сепак, експертите предупредија дека темпото на закрепнување на извозот ќе зависи од безбедноста на пловидбата низ теснецот, довербата на осигурителните компании и спроведувањето на договорите постигнати меѓу САД и Иран.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author