hezbolah

04.06.2026 Скопје

Шефот на либанската милитантна група Хезболах, Наим Касем, денес изјави дека сè додека либанските села се бомбардираат и луѓето се убиваат, северен Израел нема да биде безбеден.

„Прекинот со Израел треба да го опфати и јужниот дел од Либан. Отпорот ќе продолжи сè додека Израел е во Либан“, рече Касем.

Шефот на Хезболах додаде дека отфрла каква било врска помеѓу присуството на неговата група и прекинот на огнот или повлекувањето на Израел.

„Преговорите со Израел се „бесрамни“. Ние сме заинтересирани само за целосен прекин на огнот и повлекување на Израел од југ“, нагласи Касем.

Хезболах претходно денес објави дека го отфрла договорот за прекин на огнот со Израел, поддржан од САД.

Групата во соопштението наведува дека „официјално го информирала либанскиот претседател Џозеф Аун за отфрлањето на договорот, инсистирајќи дека секој прифатлив договор мора да започне со целосно повлекување на Израел од целата либанска територија“.

Хезболах соопшти дека враќањето на раселените жители, напорите за реконструкција и ослободувањето на либанските затвореници ги смета за „неопходни услови за каков било иден договор“.

Хезболах не учествуваше во преговорите за постигнување договор за прекин на огнот.

Израел и Либан се согласија да спроведат прекин на огнот, објави претходно денес администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Израел и Либан, исто така, издадоа заедничка изјава за договорот за прекин на огнот.

Неколку лица се повредени утрово во израелски напад со беспилотно летало што погоди возило на патот Зефта-Кфарва во јужен Либан, објави Либанската национална новинска агенција (ННА).

Нападот беше извршен откако Израел и Либан постигнаа договор за прекин на конфликтот за време на разговорите во Вашингтон.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author