pileshkooo

05.06.2026 Скопје

Просечната глобална потрошувачка на пилешко месо по глава на жител се зголемила речиси шесткратно од 1961 година, додека вкупната светска понуда на месо по глава на жител речиси се дуплирала, според новиот извештај на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Според податоците на ФАО, годишната понуда на живинско месо се зголемила од помалку од три килограми по лице во 1961 година на 17 килограми во 2022 година.

Во истиот период, понудата на свинско месо се зголеми од околу седум на 15 килограми по глава на жител, додека количината на говедско месо остана релативно стабилна, на околу девет килограми.

Во извештајот се наведува дека просечната глобална понуда на месо се зголемила од 25 килограми по лице во 1961 година на 47 килограми во 2022 година, додека вкупното светско производство на месо се зголемило четирикратно во последните 60 години.

ФАО предупреди дека земјоделството е втор најголем извор на емисии на стакленички гасови во глобалната економија и дека емисиите од секторот би можеле да се зголемат за 7,6 проценти во текот на следната деценија.

Проценките покажаа дека сточарството ќе биде одговорно за околу 80 проценти од тоа зголемување.

Исто така, се наведува дека околу 14 проценти од произведеното месо и млеко се губат или расипуваат пред да се употребат за храна.

ФАО истакнува дека пристапот до храна од животинско потекло останува многу нееднаков.

Некои научници го критикуваа извештајот за, како што велат, недоволен акцент на климатските и здравствените придобивки од намалената потрошувачка на месо во богатите земји.

Претставничката на ФАО, Даниела Батала, изјави дека приоритет на секоја земја треба да биде намалување на негативните последици од сточарското производство, како што се емисиите на стакленички гасови и антимикробната резистенција, а воедно да се зачува улогата на животинските производи како важен извор на хранливи материи.

Според проценките наведени во извештајот, сточарството е одговорно за помеѓу 12 и 20 проценти од глобалните емисии на стакленички гасови и е една од главните причини за губење на биодиверзитетот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author