11.06.2026 Скопје
Германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ ќе ја намали својата работна сила во Германија за 19.000 луѓе до крајот на годината, објави денес извршниот директор на компанијата Оливер Блуме.
Според него во писмо до акционерите, „Фолксваген“ веќе договорил повеќе од 28.000 вработени да заминат до крајот на 2030 година, објавува „Ханделсблат“.
Трошоците за производство во германските фабрики се намалени за повеќе од 20 проценти, а веќе се постигнати одржливи заштеди од околу една милијарда евра, истакна Блуме.
Компанијата постигна договор со претставниците на вработените кон крајот на 2024 година за укинување на вкупно 35.000 работни места до крајот на деценијата.
Компанијата сега има за цел годишна нето заштеда од шест милијарди евра до крајот на деценијата.
И покрај напредокот во намалувањето на трошоците, „Фолксваген“ сè уште се соочува со силни надворешни притисоци, додаде Блуме.
Како што изјави тој, царините што ги наметна американскиот претседател Доналд Трамп директно и индиректно ја чинат компанијата околу пет милијарди евра годишно.
Брендот Ауди, кој нема сопствено производство во Соединетите Американски Држави и затоа зависи од увоз на возила од Европа и Мексико, е особено погоден.
Подготвено од А.Ѓ.