EVROPA

17.06.2026 Скопје

Реалната индивидуална потрошувачка по глава на жител во Европската унија во 2025 година се движеше од 73 до 145 проценти од просекот на ЕУ, што укажува на значителни разлики во животниот стандард меѓу земјите-членки, објави денес Евростат.

Според податоците од Европскиот завод за статистика, осум земји-членки забележале ниво на потрошувачка по глава на жител над просекот на ЕУ, а Луксембург е на првото место со 45 проценти над просекот на Унијата.

Следуваат Германија, со 20 проценти над просекот на ЕУ, и Холандија со 19 проценти.

Од друга страна, најниско ниво на реална индивидуална потрошувачка по глава на жител е забележано во Унгарија и Латвија, каде што е за 27 проценти под просекот на ЕУ, додека Естонија е за 26 проценти под европскиот просек.

Евростат наведува дека реалната индивидуална потрошувачка е показател за материјалната благосостојба на домаќинствата, бидејќи вклучува стоки и услуги што граѓаните всушност ги користат, без оглед на тоа дали самите ги плаќаат или се финансирани од државата.

Податоците, исто така, покажуваат значителни разлики во бруто домашниот производ (БДП) по глава на жител меѓу земјите-членки на Европската Унија.

Највисок БДП по глава на жител е забележан во Луксембург, каде што е 139 проценти над просекот на ЕУ, додека Ирска е на второто место со 138 проценти над просекот, а Холандија го освои третото место со 33 проценти над просекот.

Најнизок БДП по глава на жител е регистриран во Грција и Бугарија, кои се за 32 проценти под просекот на Европската Унија, додека Латвија е за 29 проценти под просекот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author