18.06.2026 Скопје
Од следната година, патниците на летови до или од Европската Унија ќе имаат право да патуваат со два рачни багажи, без дополнителни трошоци од авиокомпаниите. Наместо тоа, авиокомпаниите ќе мора да ја прикажат цената на билетот веќе вклучувајќи го и рачниот багаж, а патниците ќе можат да се откажат доколку не понесат багаж, што би ја намалило цената.
Владите на ЕУ и европратениците постигнаа долгоочекуван договор за цените и правилата на авиокомпаниите што ќе важат низ целата Европска Унија. Преговорите се одолговлекуваа 13 години поради несогласувања меѓу земјите и противење од авиокомпаниите, кои тврдеа дека промените ќе доведат до повисоки цени на билетите.
Експертите веруваат дека мерката за бесплатен рачен багаж е повеќе формална отколку реална, бидејќи би можела значително да ја зголеми цената на билетите за нискобуџетните авиокомпании.
Европратениците претходно побараа на патниците да им биде дозволено да носат два рачен багаж без дополнителни трошоци.
Сепак, комбинацијата од куфер на тркала и мал ранец е тешка за носење на типичен нискобуџетен лет, па затоа дел од багажот би морал да оди во багажникот, што би предизвикало доцнења. Затоа, беше постигнат компромис: цената на рачниот багаж треба да биде вклучена во цената на билетот уште од самиот почеток, при резервацијата.
Кога новите правила ќе стапат на сила следната година, ќе биде забрането и наплаќањето на родителите и старателите да седат до деца или лица со попреченост.
На состанокот во понеделник, владите на ЕУ и Европскиот парламент постигнаа договор и за ажурирање на правилата за правата на патниците и надоместокот за доцнење на летовите.
Доколку летот доцни повеќе од три часа или е откажан, патниците ќе можат да побараат надомест од 250 до 600 евра, во зависност од времетраењето на летот.
Авиокомпаниите ќе можат да ја намалат компензацијата за 50 проценти на летовите на долги релации ако понудат алтернативен лет или ако проблемот е предизвикан од природна катастрофа, лошо време, војна или штрајкови.
На патниците ќе им биде дозволена една лична торба и мал куфер со тркала.
Новите правила ќе важат за сите летови во рамките на ЕУ, без оглед на тоа дали ги опслужува авиокомпанија од ЕУ или надвор од ЕУ. Тие важат и за сите летови од ЕУ, без оглед на тоа каде се наоѓа седиштето на авиокомпанијата.
Летовите до ЕУ од земји надвор од блокот се опфатени, но само кога се управувани од авиокомпании од ЕУ, што значи дека превозниците кои не се од ЕУ сè уште можат да наплаќаат дополнителни цени за летови до Европа.
Подготвено од А.Ѓ.