18.06.2026 Скопје
Европскиот парламент усвои амандман со кој се повикуваат властите во Македонија што поскоро да го решат прашањето за употребата на албанскиот јазик на државните испити.
Амандманот е дел од извештајот на Европскиот парламент за извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2025 година. Во него се повикуваат властите да обезбедат практична имплементација на Охридскиот рамковен договор „и законски и духовно“, а не да ги прикажуваат студентските протести како политички мотивирани или како дестабилизирачки фактор.
„Се повикуваат властите на Северна Македонија што поскоро да го решат прашањето за употребата на албанскиот јазик на државните испити, со цел да се обезбеди практична имплементација на Охридскиот рамковен договор и во закон и во дух, а не неосновано да се прикажуваат студентските протести како политички мотивирани или како дестабилизирачки фактор“, се наведува во амандманот.
Според документот, амандманот се однесува на став 11 од резолуцијата за Македонија, во делот што зборува за застапеноста на Албанците и другите заедници во јавните институции, како и обврската на администрацијата да го одразува мултиетничкиот состав на земјата.
Спорот околу употребата на албанскиот јазик на државните испити се појави откако студентите по право, Албанци, побараа да им се дозволи полагање на правосудниот испит на албански јазик. Тие тврдат дека сегашното решение ги става кандидатите Албанци во нееднаква положба, особено затоа што испитот е предуслов за понатамошна професионална кариера во судството.
Незадоволството кулминираше минатиот месец, кога студентите и нивните поддржувачи излегоа на улиците на протести. Под слоганот „Обединете се со студентите – сите заедно“, тие побараа институциите да најдат решение за полагање на правосудниот испит на албански јазик.
Амандманот доаѓа во време кога Европскиот парламент, во истиот извештај, упатува и пошироки критики за состојбата на владеењето на правото, функционирањето на судството и потребата од почитување на независноста на институциите во Македонија.
Подготвено од А.Ѓ.