12.06.2026 Скопје
Иран се согласил со поголемиот дел од нацрт-верзијата на потенцијалниот договор со САД, изјави денес портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, нагласувајќи дека Иран нема да прави компромиси во врска со своите „црвени линии“. Багеи нагласи дека Иран сè уште не донел конечна одлука за договорот, додавајќи дека поголемиот дел од текстот е комплетен, иако САД „постојано го менуваат својот став“.
Тој рече дека Катар и Пакистан активно учествуваат во медијациските напори, но дека неодамнешните акции на САД, имено нападите врз Иран, влијаеле на дипломатскиот процес. Тој посочи дека ситуацијата во врска со Ормутскиот теснец станува сè понебезбедна поради акциите на САД. Претходно денес, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ги откажал планираните ракетни напади и бомбардирање на Иран што требаше да се случат вечерва, откако, како што рече, највисоките ирански претставници се вклучија и одобрија преговори со САД.
Тој им рече на новинарите во Белата куќа дека очекува договор со Иран да биде потпишан во наредните денови, истакнувајќи дека „документите се блиску до финализирање“.
Според него, Ормутскиот теснец ќе биде отворен штом ќе се потпише договорот.
Трамп рече дека станува збор за „меморандум за разбирање“, опишувајќи го како „многу силен“ и „детален“. Тој рече дека иранските преговарачи го одобриле нацрт-договорот и се надева дека врховниот лидер ајатолахот Моџтаба Хамнеи го сторил истото.
Подготвено од А.Ѓ.