MEGAN MARKL

18.05.2026 Скопје

Сопругата на британскиот принц Хари, Меган Маркл, предупреди на штетното влијание на социјалните медиуми, кои можат да предизвикаат сериозни нарушувања во исхраната кај девојчињата и младите жени и да ги турнат кон анорексија.

Војвотката од Сасекс одржа говор во швајцарскиот град Женева на отворањето на спомен-обележјето посветено на децата кои ги загубија животите поради последиците од деструктивното влијание на социјалните мрежи и истакна дека алгоритмите и штетната содржина на социјалните мрежи ги „обликуваат“ децата, што може да доведе до сериозни нарушувања во исхраната кај младите девојки.

Наведувајќи примери од реалниот живот, Меган рекла дека една млада и атлетска девојка која пребарувала на интернет рецепти за здрав живот, наместо тоа, наишла на серија видеа и содржини што промовираат анорексија.

Војвотката од Сасекс го наведе примерот на млада девојка по име Кејти, која со месеци била хоспитализирана поради тешко нарушување во исхраната предизвикано од користењето на социјалните медиуми, како и случајот со Мејсон, тинејџер кој починал по раскинување со својата девојка, кога платформите на социјалните медиуми „ја искористиле неговата болка“ и „му понудиле идеи како да си го одземе животот“.

„Овие приказни не се изолирани, тие се конзистентни. Во исто време, тоа не е вина на детето, ниту на родителите“, рече Марклова, предупредувајќи дека вештачката интелигенција (ВИ) дополнително ги влошува ризиците.

Пред отворањето на 79-тото Светско здравствено собрание, таа откри споменик посветен на децата чиишто смртни случаи нивните семејства ги припишуваат на штетните ефекти од онлајн содржината, направен од 50 светлосни кутии во форма на паметни телефони, при што секоја прикажува фотографија од дете кое го загубило животот.

Маркл и принцот Хари со години водат кампања против опасностите од социјалните медиуми, обвинувајќи ги големите технолошки компании дека го ставаат профитот пред благосостојбата на младите луѓе.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author