06.05.2026 Скопје
Астрономите дојдоа до револуционерно откритие кое би можело фундаментално да го промени нашето разбирање за далечните предели на Сончевиот систем. Научниците открија траги од тенка атмосфера околу објектот 2002 XV.93, мало ледено тело кое орбитира зад Нептун. Доколку се потврди, ова би било првпат атмосфера да биде откриена на небесно тело од оваа големина, а не е видена на ниту еден друг објект освен на Плутон.
Овој важен увид беше овозможен преку прецизни набљудувања од јапонската мрежа на телескопи. Во јануари 2024 година, објектот 2002 XW.93 помина директно пред далечна ѕвезда, предизвикувајќи феномен познат како окултација. Однесувањето на светлината за време на овој настан укажува на постоење на гасовита обвивка околу објектот, која е со дијаметар од само 470 километри.
Водечкиот автор на студијата, Ко Аримацу од Националната астрономска опсерваторија на Јапонија, вели дека откритието ги разбива претходните догми. „Ова сугерира дека малите, ледени светови зад Нептун можеби не се толку инертни и непроменливи како што честопати сме мислеле“, вели Аримацу.
Со оглед на тоа што објектот е премногу мал за да задржи гас подолг временски период под сопствената гравитација, научниците се соочуваат со загатка за потеклото на атмосферата. Сегашните шпекулации водат до две сценарија: или е резултат на моќен судир со друго ледено тело, или површината на овој објект е геолошки активна, односно има криовулкани кои „исфрлаат“ гас во вселената.
Ова откритие отвора ново поглавје во проучувањето на транснептунските објекти, докажувајќи дека дури и најоддалечените и навидум „мртви“ тела можат да содржат динамични процеси. Понатамошните истражувања ќе бидат клучни за да се потврди дали атмосферата околу 2002 XV.93 е постојан или привремен феномен, што значително би го збогатило нашето знаење за еволуцијата на Сончевиот систем.
Подготвено од А.Ѓ.