americke-vojny

06.05.2026 Скопје

Полскиот претседател Карол Навроцки денес изјави дека неговата земја е подготвена да ги прими американските војници кои може да бидат повлечени од Германија и најави дека лично ќе лобира кај претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, да ги распореди во Полска. Навроцки, исто така, рече дека Полска веќе има подготвена инфраструктура за да прими дополнителни американски сили.

„Доколку претседателот Трамп одлучи да го намали американското воено присуство во Германија, ние сме подготвени да примиме американски војници“, рече Навроски.

Пентагон наводно планира да повлече околу 5.000 војници од Германија во текот на следната година, додека Трамп наговести дека намалувањето може да биде уште поголемо.

Изјавата на полскиот претседател дојде неколку дена откако полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека Полска не треба да ги „прекорува“ војниците од сојузниците, иако нагласи дека земјата ќе ја искористи секоја можност за зајакнување на американското присуство, но без да го поткопа европското единство.

Изјавата на Туск предизвика критики од опозициската партија „Право и правда“, на која припаѓа Навроцки, со обвинувања дека премиерот го става Берлин пред безбедноста на Полска. Во исто време, заменик-министерот за надворешни работи Марчин Босацки изјави дека разговорите меѓу Варшава и Вашингтон за проширување на американското воено присуство веќе се во тек, на воено и дипломатско ниво.

Министерот за надворешни работи Радослав Сикорски изјави дека дополнителни американски сили би биле добредојдени во Полска, без оглед од каде ќе бидат преместени. Полска моментално има околу 10.000 американски војници, додека околу 36.000 се распоредени во Германија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author