18.05.2026 Скопје
Италијанскиот министер за транспорт Матео Салвини денес изјави дека маж уапсен за напад со автомобил во Модена објавил навредлива содржина на социјалните мрежи во периодот пред инцидентот, нарекувајќи ги христијаните „копилиња“.
Салвини, исто така, изјави дека нападот во Модена, во кој беа повредени осум лица, од кои четворица се во сериозна состојба, се поврзува со прашањето за миграцијата.
Според истрагата, осомничениот, Салим ел-Кудри (31), во саботата со автомобил удрил во група пешаци во централна Италија, по што со нож нападнал минувач. Вкупно осум лица се повредени.
Ел Кудри е роден во областа Бергамо и е италијански државјанин со мароканско потекло. Обвинителството го товари за обид за масовно убиство и нанесување тешки телесни повреди, но не и за тероризам.
Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедоци изјави дека во оваа фаза од истрагата „нема знаци на структурирана исламистичка радикализација“ или врски со терористички мрежи. Тој рече дека анализата на телефонот на осомничениот досега не покажала елементи што би укажувале на планирање терористички напад.
Пјантедоци додаде дека на осомничениот му е дијагностицирано „шизоидно растројство на личноста“ и дека изразил незадоволство од својата работа и општествените околности.
Според полицијата, откако со автомобилот влегол во толпата, осомничениот се обидел да избега, а потоа избодел едно од лицата кои се обиделе да го запрат пред да биде уапсен.
Во исто време, партијата Лига, предводена од Салвини, предложи заострување на прописите за дозволите за престој за мигрантите, со проценка дека во случај на злоупотреба на довербата, тие треба да бидат поништени и да следи депортација.
Подготвено од А.Ѓ.