12.05.2026 Скопје
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес од Подгорица изјави дека Западен Балкан е од големо стратешко значење за Алијансата и предупреди дека постојат актери кои се обидуваат да го дестабилизираат регионот.
На прес-конференција по состанокот со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ и членовите на црногорската влада, Руте рече дека НАТО „нема да дозволи враќање на нестабилноста од минатото“.
„Знаеме дека постојат актери кои се обидуваат да го повлечат Западен Балкан, да го нарушат напредокот и да го дестабилизираат регионот. НАТО е посветен на тоа да обезбеди проблемите од минатото да останат во минатото“, рече Руте, додавајќи дека Алијансата ќе се спротивстави на секоја злонамерна активност на нејзина територија.
Тој оцени дека светот се соочува со сериозни безбедносни предизвици, посочувајќи ја агресијата на Русија врз Украина, сè поагресивната политика на Кина и нестабилноста во јужното соседство.
„НАТО има потреба од силни општества кои градат силни армии“, рече Руте, повикувајќи ги сојузниците да инвестираат повеќе во одбрана, воена опрема и поддршка за Украина.
Генералниот секретар го поздрави придонесот на Црна Гора во меѓународните мисии, особено во Косово, како и нејзината поддршка за Украина и трошоците за одбрана што надминуваат два проценти од БДП.
Премиерот Спајиќ изјави дека капацитетите на црногорската армија се значително зајакнати во последните години и дека довербата на граѓаните во армијата достигна историски максимум од 78 проценти.
На состанокот присуствуваа и вицепремиерот Алекса Бечиќ, министерот за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ и министерот за одбрана Драган Краповиќ. Црна Гора е членка на НАТО од јуни 2017 година.
Подготвено од А.Ѓ.