12.05.2026 Скопје
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка, новоназначената министерка за надворешни работи Велислава Чамова Петрова, вчера имаа кратка средба во Брисел, каде што учествуваа на состанок на Советот за надворешни работи на Европската Унија, но веднаш си упатија остри пораки. Муцунски ја критикуваше Петрова-Чамова за употребата на терминот „Северно-Македонец“ и за форматот на „состанокот“. Чамова, пак, јасно му порача – направете уставни измени ако сакате да го продолжите патот кон ЕУ.
– Употребата на терминот „Северно-Македонец“ за македонскиот народ е неточна и несоодветна. Македонците се Македонци. Ова не е прашање на политика, туку на основно почитување на идентитетот и достоинството на еден народ. Во дипломатијата, прецизноста не е формалност, туку одраз на почит – реагираше министерот Муцунски во врска со изјавата на Чамова.
Тој додаде дека немале официјална билатерална средба, туку, како што рече, кратка размена на зборови на придружен настан, во присуство на неколку колеги.
„- Ако разговор од една минута се нарече „средба“, тогаш денес навистина имавме многу „средби“. И, како што ѝ кажав на Велислава, се надевам дека наскоро навистина ќе одржиме средба – во пријателска и позитивна атмосфера, насочена кон градење добрососедски односи и нашата заедничка европска иднина“, реагираше Муцунски преку објава на социјалната мрежа Фејсбук.
Бугарската министерка за надворешни работи од Брисел изјави дека имале добра прва средба со нејзиниот македонски колега и повтори дека Бугарија има јасно изразен став дека проблемот со Македонија од 2022 година повеќе не е билатерално прашање, туку прашање на дискусија меѓу Европската Унија и земјата кандидат.
– Оваа позиција е потврдена денес. Драго ми е што во Бугарија имаме многу широк политички консензус за ова. Ова им го кажав и на нашите северно македонски партнери. Од нив очекуваме активности што ќе покажат дека имаат целосна политичка подготвеност да продолжат напред по својот европски пат. Овој прозорец за проширување може да се отвори во наредните години, а ако не ја искористат оваа можност, всушност може да ја изгубат – рече Петрова-Чамова.
Таа нагласи дека Бугарија останува исклучително поддржувачки фактор.
– Исто така е добро да се види посилна активност од нивна страна во согласност со постигнатите договори. Тие имаат единствена можност. Гледаме дека земји како Црна Гора и Албанија постигнуваат сериозен напредок. Овој прозорец за проширување може да се отвори во наредните години и ако не ја искористат оваа можност, всушност може да ја изгубат. Да се држат до постигнатиот договор во 2022 година и да преземат потребни политички чекори. Да го отворат својот европски пат – додаде бугарскиот министер за надворешни работи, кој, според БГНЕС, одигра клучна улога во воспоставувањето на преговарачката рамка за Македонија предложена од француското претседателство со Советот на ЕУ во јуни 2022 година.
Како одговор на средбата, поточно на едноминутниот разговор меѓу Муцунски и Чамова, се огласи и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој нагласи дека министерот за надворешни работи не ја кажал вистината за средбата.
– Без разлика дали имало средба или не, без разлика дали била неформална или формална, пораката што Муцунски ја доби од Петрова-Чамова е јасна, дека Бугарија има јасно изразена позиција, која од 2022 година не е билатерална, туку е прашање на дискусија меѓу ЕУ и земјата кандидат, и дека доколку не ги спроведе своите обврски, Македонија би можела да ја изгуби можноста да биде дел од проширувањето на Унијата во наредните… години. Без вклучување на малцинствата во Уставот – што е европско, а не бугарско прашање – нема да има напредок во интеграцијата во ЕУ – рече Филипче.
Надежите во Македонија дека Бугарија конечно ќе има стабилна влада со која ќе може да се преговара за деблокада на процесот на европска интеграција се обновија со изборот на Румен Радев за премиер. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски дури упати јавна покана до својот бугарски колега да го посети Скопје, но досега нема одговор од другата страна. По победата на изборите, Радев беше решен да се посвети на економските прашања и борбата против корупцијата.
Владиниот партнер на Мицкоски, Билал Касами од Вреди, во интервју за „360 степени“ завчера, зборувајќи за гаранциите што ги бара ВМРО-ДПМНЕ од Бугарија дека уставните амандмани ќе бидат последната пречка на патот кон ЕУ, рече дека неговата партија сака да биде мост за враќање на комуникацијата меѓу Скопје и Софија.
– Во оваа насока сакаме да ја вратиме комуникацијата меѓу Софија и Скопје по ова прашање, како последно пред полноправното членство на Македонија во Европската Унија. Овој проблем не бара еднострано решение. Да се надеваме дека конечно ќе има стабилна политичка влада во Софија со која ќе можеме да седнеме и да најдеме конечно решение – рече Касами.
На Денот на Европа, премиерот Мицкоски повика на национално единство во заедничка борба за подобар живот.
Подготвено од А.Ѓ.