KERHOVE SZO

15.05.2026 Скопје

Марија ван Керхове, директорка на Одделот за епидемиска подготвеност и превенција при Светската здравствена организација (СЗО), изјави дека едно лице во Соединетите Американски Држави кое имало нејасен резултат од тестот подоцна било потврдено дека имало негативен тест за хантавирус, со што вкупниот број на случаи во светот се намалил од 11 на 10.

Ван Керхове рече дека во претходниот извештај на агенцијата е вклучено едно лице со неодреден резултат на тест, лице од Соединетите Американски Држави.

„Подоцна добивме потврда од САД дека лицето е негативно“, истакна таа.

Здравствената состојба на 41 лице во Соединетите Американски Држави се следи за можна инфекција со хантавирус, објавија вчера американските Центри за контрола и превенција на болести (CDC).

Од овие лица беше побарано да останат дома и да избегнуваат контакт со други во текот на четириесет и два дена од периодот на следење.

Дејвид Фитер, доктор кој ја води ситуацијата со хантавирусот во ЦДЦ, рече дека сите потенцијално заразени лица доаѓаат од „три главни групи“ на потенцијални инфекции.

„Ова се патници кои неодамна беа репатрирани и се наоѓаат во Небраска и Емори, потоа патници кои го напуштија крузерот и се вратија дома пред да се открие епидемијата, и трето, оние кои можеби биле изложени на вирусот за време на патувањето, особено на летови каде што имало симптоматски случаи“, рече Фитер.

Епидемија на смртоносниот хантавирус (сој од Андите) избувна на холандскиот крузер „MV Hondius“ во април годинава, додека тој беше на пат од Аргентина кон Зелен ’Рт, а СЗО предупредува дека се очекува зголемување на бројот на случаи поради долгиот период на инкубација (шест до осум недели) и блискиот контакт меѓу патниците.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author