05.05.2026 Скопје
Светската здравствена организација (СЗО) објави дека постои основано сомнение дека на холандски крузер, каде што починаа тројца патници, се случило пренесување на хантавирусот од човек на човек.
Иако овој вирус првенствено се шири преку глодари, претставници на СЗО предупредуваат дека во овој случај, инфекцијата веројатно се проширила на многу блиски контакти на бродот MV Hondius.
Д-р Марија ван Керхове, службеник на СЗО, истакна дека некои од пациентите биле парови кои делеле колиби, што укажува на интимната природа на преносот.
„Нашата работна хипотеза е дека ова веројатно е комбинација од различни начини на пренесување“, рече Ван Керхове, нагласувајќи, сепак, дека ризикот за пошироката јавност е низок, а овој вид на ширење на вирусот е исклучително редок.
На бродот, кој е закотвен покрај брегот на Капо Верде, моментално има 149 лица од 23 земји. Сите тие се под строги мерки на карантин.
Според најновите податоци, идентификувани се седум случаи – два потврдени и пет сомнителни.
Трагедијата длабоко ги потресе семејствата на патниците. Меѓу починатите е и брачен пар од Холандија – сопругата е потврдена дека го има вирусот, додека конечните резултати од тестот на сопругот сè уште се чекаат. Третата жртва е германски државјанин кој почина на 2 мај.
Семејството на холандскиот пар објави срцепарателна изјава: „Прекрасното патување на кое уживаа заедно беше прекинато одеднаш и засекогаш. Сè уште не можеме да се помириме со фактот дека ги загубивме.“
Покрај починатиот, вирусот е потврден и кај 69-годишен Британец кој бил итно евакуиран во Јужна Африка на лекување. Се очекува медицинска евакуација со авион и за двајца други членови на екипажот – холандски и британски државјани – кои покажуваат респираторни симптоми.
Истражителите веруваат дека станува збор за „андскиот“ сој на вирусот, кој е карактеристичен за Јужна Америка, каде што крстарењето започна пред еден месец, тргнувајќи од Аргентина. Иако екипажот потврди дека немало стаорци на бродот, Ван Керхове забележува дека за време на патувањето биле посетени бројни острови каде што патниците можеле да дојдат во контакт со измет од глодари.
Додека преостанатите патници се тестираат, судбината на бродот останува неизвесна. Иако СЗО првично соопшти дека Шпанија му дозволила да се закотви на Канарските Острови, локалното министерство за здравство се воздржа. Мадрид вели дека ќе донесе одлука дури откако ќе ги анализира епидемиолошките податоци додека бродот ќе минува покрај брегот на Африка.
И покрај неизвесноста, атмосферата на бродот е, според еден анонимен патник, доста добра.
Патеписецот и блогер Џејк Розмари споделува поинакво мислење на социјалните мрежи: „Има многу неизвесност и тоа е најтешкиот дел. Сè што сакаме е да се чувствуваме безбедно, да имаме јасни информации и да се вратиме дома.“
Подготвено од А.Ѓ.