27.05.2026 Скопје
Папата Лав XIV денес во Ватикан се сретна со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, со кого разговараше за потребата од поттикнување на конструктивен дијалог меѓу локалната Црква и државните власти, заснован на меѓусебно почитување и насочен кон промовирање на општото добро, како и за последиците од конфликтите во светот, миграцијата и итната потреба од постојана посветеност во корист на мирот.
Потоа Санчез разговараше со државниот секретар на Светата столица, кардиналот Пјетро Паролин. Пред денешната општа аудиенција на плоштадот „Свети Петар“, папата Лео го прими шпанскиот премиер, кој потоа се сретна со врвот на Државниот секретаријат на Ватикан – кардиналот Паролин и надбискупот Пол Ричард Галагер.
Во соопштението од прес-службата на Ватикан се наведува дека за време на разговорот било изразено задоволство од претстојното апостолско патување на Папата во Шпанија од 6 до 12 јуни, кое било оценето како „знак на добри односи“ меѓу Ватикан и Шпанија.
Соговорниците разговараа и за меѓународни прашања, со посебен акцент на последиците од конфликтите во светот, миграцијата, важноста на мултилатерализмот и почитувањето на меѓународното право, како и итната потреба од континуирана поддршка за мир.
Претходно беа дискутирани и прашања од заеднички интерес, како што е потребата од поттикнување на конструктивен дијалог меѓу локалната црква и државните власти, како и меѓу различните делови од граѓанското општество, заснован на меѓусебно почитување и насочен кон промовирање на општото добро.
Подготвено од А.Ѓ.