Volodimir-Zelenski (1)

20.05.2026 Скопје

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека во разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ е изразено верување дека односите меѓу двете земји треба да бидат силни и дека постои потенцијал за нивен развој.

Зеленски на својот профил на X изјави дека со Вучиќ разговарале за претстојната посета на заменик-премиерот на Украина за европски и евроатлантски интеграции и трговски претставник на Украина, Тарас Качка, на Белград. „Сметаме на заемно корисни договори, вклучително и продолжување на преговорите за слободна трговска зона со Србија“, нагласи Зеленски.

Вучиќ претходно денес објави дека отворено разговарал со Зеленски за билатералните односи, европскиот пат на Србија и Украина и подобрувањето на економската соработка.

Српскиот претседател ја оцени утрешната посета на Качка како важен чекор во понатамошното зајакнување на соработката меѓу двете земји. „Разговаравме и за важноста на дијалогот, меѓусебното разбирање и одговорниот пристап во решавањето на проблемите, со согласност дека мирот и зачувувањето на човечките животи се вредности што мора да имаат приоритет“, рече Вучиќ. Тој додаде дека ја потврдиле и својата посветеност за понатамошно подобрување на билатералните односи преку отворен дијалог, меѓусебно почитување и зајакнување на соработката во областите од заеднички интерес, со акцент, како што истакна, на економската соработка како основа за долгорочен развој и стабилност.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author