28.05.2026 Скопје
Паметните телефони за време на грмотевици можат да експлодираат и да предизвикаат повреди, но не поради директен удар од гром, туку поради процесот на индукција предизвикан од силно електростатско поле, изјави денес Марина Макарова, водечки соработник во Хидрометеоролошкиот центар на Русија.
Макарова објасни за агенцијата ТАСС дека под влијание на силното електростатско поле на грмотевичните облаци, во спроводниците на земјата се создаваат електрични полнежи, што може да доведе до загревање на уредот.
„Се случуваат ненадејни експлозии, кои можат да повредат лице кое држи паметен телефон близу до главата или во џеб. Ова не е директен удар од гром, туку индукциски процес. Значи, не е дека телефонот привлекува гром, туку дека уредот се загрева под влијание на овие струи“, рече Макарова.
Таа нагласи дека вакви случаи се случуваат многу ретко.
Според неа, посетителите на масовни настани, како што се фудбалските натпревари, имаат многу поголема веројатност да бидат повредени за време на грмотевици.
„Гром може да удри во толпа луѓе намокрени од дожд, кои потоа стануваат добри спроводници на електрична енергија“, предупреди Макарова.
Подготвено од А.Ѓ.