20.05.2026 Скопје
Обединетото Кралство постигна трговски договор со Советот за соработка во Заливот (GCC), прв таков договор од страна на членка на Групата седум (G7) од најразвиените економии во светот, објави денес британската влада.
Британското Министерство за бизнис и трговија соопшти дека договорот би можел да ја поттикне британската економија за околу 3,7 милијарди фунти (околу 4,4 милијарди евра) годишно, додека на долг рок би можел да придонесе за раст на платите за дополнителни 1,9 милијарди фунти (околу 2,3 милијарди евра) годишно.
Договорот со Велика Британија го постигнаа членките на Советот за соработка во Заливот што граничат со Персискиот Залив – Бахреин, Кувајт, Оман, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
Британската влада објави дека договорот ќе овозможи укинување на царини во вредност од околу 580 милиони фунти (околу 690 милиони евра) годишно за британскиот извоз во земјите од Заливот, при што некои од царините ќе бидат укинати веднаш по стапувањето во сила на договорот.
Меѓу производите што треба да бидат ослободени од царина се британските житарки, сирењето чедар, чоколадото и путерот.
Ова е петтиот голем трговски договор на сегашната британска влада, по претходните договори со Индија, САД, Европската Унија и Јужна Кореја.
Британскиот премиер Кир Стармер рече дека договорот претставува „голема победа за британската економија и работниците“ и додаде дека ќе придонесе за зајакнување на трговијата и инвестициите меѓу Велика Британија и земјите од Заливот.
Подготвено од А.Ѓ.