13.05.2026 Скопје
Либија планира да ја рестартира својата рафинерија Рас Лануф, со капацитет од 220.000 барели дневно, во рок од шест до дванаесет месеци за да го снабдува домашниот пазар.
Шефот на Националната нафтена корпорација (НОК) на Либија, Масуд Сулејман, ги презентираше овие информации пред новинарите денес во Лондон.
Најголемата рафинерија во Либија е надвор од работа од 2013 година поради арбитражен спор меѓу НОК и нејзиниот партнер од ОАЕ, Траста.
Во понеделник, НОК објави дека потпишала конечен договор со Траста за раскинување на партнерството, ставајќи го комплексот и рафинеријата Рас Лануф под целосна либиска сопственост и контрола.
„Буџетот е одобрен“, рече Сулеман за продолжувањето на работата, додавајќи дека НОК ги има потребните човечки ресурси и опрема за одржување, кое, според него, ќе чини околу 60 милиони долари.
Нафтениот сектор на Либија, главен извор на приходи во земјата, претрпе повеќекратни нарушувања поради локалните и пошироките политички немири по востанието поддржано од НАТО во 2011 година, со кое беше соборен Моамер Гадафи.
Минатата недела, рафинеријата за нафта Завија, со капацитет од 120.000 барели дневно, беше затворена поради судири во близина.
Сулеман истакна дека производите од Рас Лануф ќе бидат првенствено наменети за домашниот пазар и ќе ги продава подружницата на НОК, Брега Оил Компани.
НОК очекува почетниот капацитет да биде приближно 200.000 барели дневно, по што ќе следи постепено зголемување до полн капацитет, додаде тој. Рафинеријата ќе работи на либиска сурова нафта Амна.
Во април 2026 година, двата ривалски законодавни тела на Либија, кои се поделени од 2014 година, го усвоија првиот обединет државен буџет на земјата по повеќе од една деценија.
Подготвено од А.Ѓ.