HUAVEI

27.05.2026 Скопје

Германија и Шпанија се главните противници на плановите на Европската комисија да им забрани на кинеските добавувачи на технологија како што се „Хуавеј“ и „ЗТЕ“ пристап до европските телекомуникациски мрежи преку нови правила за сајбер безбедност.

Според анонимни извори запознаени со преговорите, Берлин и Мадрид сакаат земјите-членки да ја задржат контролата врз одлуките за телекомуникациската инфраструктура и предупредуваат дека забраната за опрема од кинески компании на ниво на цела ЕУ би можела да предизвика одговор од Кина.

Официјални лица од двете земји, исто така, веруваат дека отстранувањето на кинеската опрема би можело значително да ги зголеми трошоците за развој на инфраструктура за вештачка интелигенција во Европа.

Европската комисија ги означи кинеските компании „Хуавеј“ и „ЗТЕ“ како „добавувачи со висок ризик“ за телекомуникациски мрежи и ги повика земјите-членки на ЕУ да ги исклучат од критичната инфраструктура.

Одлуките за телекомуникациската инфраструктура формално ги донесуваат националните влади, но Брисел сака да го зајакне надзорот и да ги направи препораките на Европската комисија правно обврзувачки низ цела ЕУ преку измени на Законот за сајбер безбедност.

Предложените измени би вклучувале и проценка на ризикот од странско политичко влијание и зависност од индивидуални добавувачи.

Европските земји ги балансираат економските односи со Кина наспроти безбедносните предупредувања од САД и европските сојузници за можните ризици од кинеската технологија во критичната инфраструктура.

Пратениците и експертите за безбедност во Европа и САД со години предупредуваат дека кинеските компании би можеле да добијат неовластен пристап до корисничките податоци преку телекомуникациските мрежи, додека „Хуавеј“ и „ЗТЕ“ ги отфрлаат тие тврдења.

Портпаролот на „Хуавеј“ изјави дека исклучувањето на кинеските добавувачи само врз основа на земјата на потекло би ги прекршило основните правни принципи на Европската Унија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author