05.05.2026 Скопје
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес ги отфрли заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на царините за европските автомобили, предупредувајќи го Вашингтон да се држи до трговскиот договор постигнат со Брисел.
За прв пат откако Трамп во петокот објави дека ќе воведе царини од 25 проценти за автомобили произведени во ЕУ, фон дер Лајен рече дека „договор си е договор“.
„Договор си е договор. Имаме договор, а суштината на тој договор е просперитет, заеднички правила и сигурност“, рече фон дер Лајен на прес-конференција за време на самитот ЕУ-Ерменија во Ереван.
Претседателот на Европската комисија додаде дека „САД имаат обврска“ и рече дека „ЕУ е подготвена за секаков сценарио“.
Најновите закани на Трамп за царини претставуваат остра ескалација во бурните трговски односи меѓу Вашингтон и Брисел.
На денешната прес-конференција во Ереван, претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, изјави дека лидерите на ЕУ „целосно го поддржуваат одговорот на ЕК на најновата трговска закана на Трамп“.
Францускиот претседател Емануел Макрон јасно ја искажа оваа поддршка на специјална прес-конференција во Ереван со ерменскиот премиер Никол Пашинјан.
„Договорите се потпишани и мора да се почитуваат бидејќи доколку бидат доведени во прашање, сè би било повторно отворено.“
„Доколку на некоја земја ѝ се закануваат нови царини, ЕУ има механизми да одговори и треба да ги користи бидејќи за тоа се наменети“, рече Макрон, додавајќи дека блиските сојузници како Брисел и Вашингтон „имаат многу попаметни работи да направат отколку да упатуваат закани што водат до дестабилизација“. По шокантната најава на Трамп, ЕК првично избегнуваше директна конфронтација со Белата куќа, објавувајќи само дека ЕУ ќе ги држи сите опции отворени.
Подготвено од А.Ѓ.