28.05.2026 Скопје
Русија нема да избира кој ќе ја претставува Европа во потенцијалните преговори со Москва за Украина, изјавија денес министрите за надворешни работи на Европската Унија по неформалниот состанок во Лимасол, Кипар.
Зборувајќи со новинарите по самитот каде што една од темите беа можните разговори со Русија, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, изјави дека министрите се согласиле дека Русија сè уште не покажува искрен интерес за мир и дека безусловното прекинување на огнот е предуслов за преговори.
„Европа никогаш нема да биде неутрален посредник меѓу Русија и Украина, бидејќи ние сме на страната на Украина и ги браниме нашите основни безбедносни интереси“, рече Калас, додавајќи дека Европа треба да помогне во преговорите.
Таа повторно го отфрли предлогот што претходно го даде рускиот претседател Владимир Путин, претставник на ЕУ во преговорите да биде поранешниот германски канцелар Герхард Шредер.
„Мислам дека тоа е стапицата во која Русија сака да паднеме, да разговараме кој ќе разговара со нив, додека тие веќе одредуваат кој е прифатлив, а кој не. Не треба да паднеме во таа стапица. Преговорите секогаш се тимска работа“, рече Калас. Иако има многу шпекулации, некои министри рекоа дека е прерано да се дискутира кој би можел да ја претставува Европа во какви било идни преговори.
„Сега не е момент да се дискутира кој ќе ги води преговорите“, изјави литванскиот министер за надворешни работи Кестутис Будрис пред новинарите на Кипар. Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани по пристигнувањето на состанокот изјави дека Европа, а не Путин, ќе одлучи за името на преговарачот.
Висок функционер на земја-членка на ЕУ изјави дека многу прашања за можната улога на Европа во преговорите остануваат неодговорени.
„Постојат цела низа прашања што би требало да се решат пред да може да се одлучи за името. Каков би бил мандатот? Пред кого би одговарале? Како би изгледал процесот на донесување одлуки?“, рече функционерот.
Некои министри изразија подготвеност Европа да назначи специјален пратеник во иднина.
„Уверена сум дека заедно можеме да се согласиме не само за мандатот, туку можеби и за луѓето што би можеле да ја преземат таа улога“, изјави финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во средата изјави дека Путин е отворен за разговори со Европа, но дека „Европејците штотуку почнуваат да се подготвуваат“.
Песков нагласи дека преговорите со Европејците ќе бидат неопходни во иднина, бидејќи без нив е невозможно да се разговара за безбедносната архитектура на континентот.
Подготвено од А.Ѓ.