11.05.2026 Скопје
Будимпешта ќе престане да го злоупотребува правото на вето во ЕУ и повторно ќе стане сигурен и предвидлив партнер, изјави денеска новата унгарска министерка за надворешни работи, Анита Орбан.
Унгарија премногу често го користела ветото „како политички театар“, рече Орбан, која не е во роднинска врска со поранешниот премиер Виктор Орбан, за време на сослушување за потврдување на функцијата во унгарскиот парламент.
Виктор Орбан, поранешниот унгарски премиер наклонет кон Кремљ, честопати го користеше правото на вето за да ја блокира или да ја одложи помошта за Украина и санкциите против Русија, што предизвика јаз меѓу Будимпешта и остатокот од европскиот блок.
Приоритет на новата унгарска влада е да ја врати довербата кај партнерите во ЕУ и НАТО и да помогне во одблокирање на 17 милијарди евра, односно 20 милијарди долари, замрзнати поради споровите околу владеењето на правото, рече идната министерка.
Иако најавува поинаков пристап кон ЕУ, сепак, новата унгарска влада тврди дека нема целосно да се откаже од ветото кога ќе оцени дека се загрозени унгарските интереси.
Премиерот Петер Маѓар ветува обновување на односите со Брисел и намалување на зависноста од руска енергија, но Будимпешта останува воздржана кон воената поддршка за Украина.
Анита Орбан порача дека Унгарија нема да испраќа оружје во Киев и ќе бара гаранции за правата на унгарското малцинство.
Украина, пак, најавува пакет предлози за надминување на спорот и деблокирање на пристапните преговори со ЕУ.
Подготвено од А.Ѓ.