11.05.2026 Скопје
Американскиот конзулат во Ербил, главниот град на ирачки Курдистан, е најголемиот конзулат во светот и претставува стратешки центар на САД за Блискиот Исток во наредните децении.
Комплексот, чија изградба чинела околу 800 милиони долари, се простира на површина од 206.000 квадратни метри и е дизајниран како високо обезбедена автономна зона со сопствени станбени објекти, енергетски системи и инфраструктура. Изградбата започнала во 2018 година, а комплексот целосно бил ставен во функција во февруари 2026 година.
Конзулатот е замислен не само како дипломатско претставништво, туку и како воено и разузнавачко јадро на американското присуство во регионот по постепеното повлекување на САД од остатокот на Ирак. Објектот може да прими до 1.000 луѓе, вклучително дипломати, безбедносен персонал и придружни тимови.
Во последните месеци Ербил беше мета на повеќе напади со ракети и дронови по ескалацијата на конфликтот со Иран. Од крајот на февруари областа била погодена со повеќе од 190 проектили и беспилотни летала.
Проирански милиции, меѓу нив и Катаиб Хезболах, јавно се закануваа дека конзулатот ќе биде нивна цел.
Американското присуство во Ербил е тесно поврзано со енергетските интереси во регионот, особено со гасното поле Кор Мор, кое се смета за едно од најбогатите во Ирак. Гасот од Кор Мор обезбедува електрична енергија за голем дел од Курдистан, вклучително и дипломатската зона во Ербил.
Конзулатот во Ербил, заедно со американската база Харир оддалечена околу 60 километри, претставува последна линија на американско влијание во Ирак во случај на целосно повлекување од Багдад.
Подготвено од А.Ѓ.