Image by evening_tao on Freepik

15.04.2026 Скопје

Владата го усвои Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030, стратешки документ кој ја поставува државата на пат кон енергетска трансформација, одржлив развој и усогласување со европските политики, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).

Планот е изработен по предлог на Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и претставува клучен инструмент за модернизација на енергетскиот сектор и исполнување на обврските кон Енергетска заедница и европската регулатива.

 Документот опфаќа вкупно 61 мерка, од кои 26 се насочени кон декарбонизација, 20 кон зголемување на енергетската ефикасност, три за енергетска безбедност, 11 за развој на внатрешниот пазар на енергија и една за истражување, иновации и конкурентност. Главниот фокус е намалување на емисиите на стакленички гасови, зголемување на користењето на обновливи извори и подобрување на енергетската ефикасност, стои во соопштението на МЕРМС.

Во наредниот период се предвидуваат инвестиции во сончева, ветерна и хидроенергија, воведување систем за цена на јаглерод во согласност со европските стандарди, развој на системи за складирање енергија и модернизација на енергетската инфраструктура. Истовремено, се планира постепено напуштање на јагленот како енергенс.

Планот вклучува и мерки за зголемување на енергетската безбедност преку диверзификација на изворите, регионална соработка и нови енергетски интерконекции, како и понатамошна либерализација и интеграција на пазарот на електрична енергија.

Од Министерството посочуваат дека документот е резултат на широк консултативен процес со учество на институции, експерти, академската заедница, приватниот сектор и меѓународни партнери, при што се вградени и препораките на Секретаријат на Енергетската заедница.

Со имплементацијата на планот се очекува подобрување на квалитетот на животната средина, поголема енергетска независност, нов инвестициски циклус и забрзана зелена транзиција, што ќе придонесе за економски раст и развој.

Подготвено од М.Д.

About Author